Програмата ,, МЛАДИ ВО АКЦИЈА ,, која Младински Совет Охрид ја реализира во ДНЕВНИОТ ЦЕНТАР во костозглобната болница, секојдневно се збогатува со нови содржини. Децата кои се со престој во болницата подолго време, а и оние кои привремено доаѓаат, со голема радост ги пречекуваат волонтерите на Младински Совет Охрид, кои три пати во неделата организираат едукативни, креативни, спортски и рекреативни содржини.
Во последниот месец од реализирањето на програмата, дел од децата од костозглобната болница инспирирани од посетата на театарската претстава ПЕПЕЛАШКА, самите се организираа и за своите другарчиња, во рамките на своите можности, ја одглумија во дневниот центар. Исто така, децата во центарот имаа спортски ден, дружејки се и играјки фудбал, кошарка и не лути се човече, како и ,,ден на фантазија,, при што со помош на волонтерите изработуваа маски, и креираа свет кој тие го посакуваат. Децата од костозглобната болница имаа прилика да го посетат и КУД ,,Живко Чинго,, од Велгошти, а им беа организирани и ТВ проекции на најинтересните бајки.
Интересот за програмата ,,МЛАДИ ВО АКЦИЈА,, покрај тоа што е голем кај децата во болницата, исто така е голем и кај младите во Охрид кои секојдневно доаѓаат во МСО со желба да се вклучат во реализација на програмските активности.
Кристина (12 години) во костозглобната болница е подолго време, и редовно учествува на работилниците. ,,Многу задоволна од она што се случува во ,,собата,, но малку сум лута што не ми ја пуштивте песната од Тоше ,,Боже чувај ја од зло,,.
И Даниел (4 години) е подолго време во болницата и не пропушта ниту една средба со волонтерите од Младински Совет Охрид. ,,Многу сакам да играм фудбал и ,,нелути се човече,,. Сакам да ги гледам цртаните филмови Тарзан и Том и Џери и да има повеќе слики и сликовници,,.
Марта (10 години) иако е многу кратко време во болницата, активно учествува во активностите. ,,Јас сум многу задоволна од она што овде се дружиме и се забавуваме. Има многу интересни игри, а пееме и песнички,,.
|