 Младински Совет Охрид, како Волонтерска Инфо Точка, формира ЛОКАЛЕН ВОЛОНТЕРСКИ СЕРВИС.
Локалниот волонтерски сервис е замислен како структура која ќе работи на развој и имплементација на квалитетен систем за волонтерски менаџмент и воедно ќе дава придонес за решавање на проблеми во локалната заедница со воспоставување на рамнотежа помеѓу потребите и понудата на човечки ресурси- волонтери.
Проектот предвидува партнерска соработка со Волонтерскиот центар на Македонија кој го раководи Младински Културен Центар од Битола со уште 4 партнерски НВОии од 4 градови во Македонија кои функционираат како локални канцеларии или Волонтерски инфо точки.
Проектните активности вклучуваат градење на структурата за ЛВС (мобилизација на човечки и логистички ресурси) и програмско јакнење на ЛВС (мобилизација на волонтери, развој на волонтерски позиции во јавните институции, НВОите и државните органи, можности за обука на волонтери и вработени во институциите, кампањи за промоција на ЛВС, практична имплементација на волонтерското искуство итн.).
Овие активности ќе придонесат за практична имплементација на Законот за волонтерство во Македонија што беше донесен на 2 јули 2007 година. Законот овозможува нови пристапи за организирано волонтирање и ги надминува поранешните состојби на непланско и неорганизирано волонтирање.
ЛВС ќе биде отворен за сите граѓани и потенцијални корисници на волонтерскиот сервис. ЛВС со своето фукционирање ќе влијае на позитивниот развој на граѓанското општество и неговите вредности преку стимулирање на активно учество на младите луѓе и сите граѓани во решавањето на проблемите во локалните заедници преку активно волонтирање.
Целта на ЛВС е овозможување на одржлив развој на волонтерството преку интегрирање на волонтерски програми во јавните институции, НВО и државните органи и придонес во спроведувањето на реформите во образованието и социјалната заштита преку имплементирање на законот за волонтерство на локално ниво.
Специфични задачи кои произлегуваат од проектот се: воспоставување и развој на локален волонтерски сервис (ЛВС) на ниво на Р.Македонија во рамките на Националниот Волонтерски центар (посредување при поставување на волонтери во јавни институции, НВО и државни органи, воспоставување на партнерства меѓу ЛВС и јавните иституции, НВО и државните органи со цел успешна имплементација на Законот за волонтерство и јакнење на граѓанското учество во развојот на локалните заедници преку волонтерскиот ангажман.
Проектот е поддржан од Амбасадата на САД во Република Македонија и Балкан Trust for Democracy (BTD).
Координатор на Локалниот Волонтерски Сервис е Катерина Ситникоска.
|