|
Од 20 до 23 март 2008 година, во рамки на проектот за насилство во адолесценска врска, се одржа семинар со работен наслов "Темната страна на љубовта". Во текот на 4те работни дена 16 учесници, средношколци, претставници на 4 младински здруженија Младински Културен Центар од Битола, Фокус од Ресен, Парумба МКД од Струга и Младински Совет Охрид ги совладуваа вештините за активно слушање, комуникација, ЈАС говор, перцепција и моќ и сл. Програмата се реализираше преку 5 модули односно тематски целини: љубов и врска, род и пол, моќ и насилство во врска, вештини потребни за воспоставување и одржување на квалитетна врска и човекови права - право на живот без насилство.
Учесниците на семинарот имаа можност да се запознаат со основните
информации поврзани со родно условеното насилство, љубовта на прв
поглед и компонентите кои ја сочинуваат љубовта, што ја зајакнува, а
што и штети на една романтична врска, што е род а што е пол. Исто така
беа презентирани ставовите и сфаќањата поврзани со родовите улоги,
однесувањето, обврските и очекувањата, како и ставовите поврзани со
моќта. Дефинирани беа и различни поими поврзани со насилство како вид
на насилство, место каде се случува насилство, извршители, итн. со
посебен акцент на насилството помеѓу адолесценти. Развивање на
самопочитување, поттикнување на групна динамика, поттикнување дискусија
за карактериситиките на квалитетна врска и поттикнување и охрабрување
секој/секоја слободно да ги изразува своите мислења, беа само дел од
компонентите кои беа дискутирани во насока на подобрување на врската
помеѓу адолесценти. на крајот од семинарот учесниците имаа можност да
се запознаат се со содржината и значењето на поимот човекови права и
документите за заштита на човековите права - Универзална декларација за
човековите права, запознавање со основните документи за заштита на
женските човекови права со цел да се разбере дека насилството над
жената е кршење на човековите права.
Цели на програмата се: подигнување на јавната свест во формирање на
родовиот идентитет и улоги, препознавање на поврзаноста помеѓу родово
условеното насилство и стереотипните родови улоги, информирање на
младите за зачестеноста, причините и последиците од насилството во
врска, оспособување на младите за препознавање на насилството и
развивање на механизми за соочување со насилството во врска, да се
влијае на промената на ставовите кои го поддржуваат насилството и
развивање и унапредување на вештини потребни за остварување на
квалитетна врска.
Организатори и едукатори на семинарот беа: Флорентина Стерјовска и
Димче Каневче од Младински Совет Охрид, м-р Александра Груевска
Дракулески и Дарко Конески.
|